Живееме во турбулентни времиња кога зборот може да направи војна, но зборот може и да заврши војна. Светот се промени, политичкиот интерес превлада на штета на граѓаните.
Секој човек си го планира некако животот. Но, никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и кривите линии, допирните точки, острината на аглите. Не може ни со сигурност да си објасни кај му измрдала либелата. Можеби еден ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може ништо да измени.
И, како што вели Петре М. Андреевски, зборот нема милост, на секоја кривина може да изненади. И секој погрешно употребен збор, може да нѐ злоупотреби, и тоа да ни ја уништи и чесната мисла што сме сакале да ја соопштиме.
И ако простувањето ни дава една широчина и нѐ прави големи луѓе, тогаш барањето прошка да знаете дека е уште повозвишено чувство.
Животот е немилосрден кон сите. Секој е роден во одреден контекст и никој нема идеални услови за нешто. Важно е да си го поставиме прашањето: што можам да направам јас во овие услови за себе и што имам за да го остварам тоа ако имам одредена цел. Затоа, фокусот кон тоа што го имаме наместо фокус кон тоа што го немаме ќе нè донесе многу поблиску до целта.