Македонија на врвот по неработни денови – повеќе одмараме отколку што работиме

Македонија на врвот по неработни денови – повеќе одмараме отколку што работиме

Лозјето не бара молитва, туку мотика“. Ова е една општо позната македонска народна поговорка, која (за помладите ако не знаат) значи дека треба да вложиме повеќе труд и работа, а помалку празни зборови, за да го добиеме она што го сакаме.

Честопати знаеме да слушнеме многу поплаки и жалби, филозофирање за тоа како треба да се работи, за тоа дека нема работа, или и таа што ја има, дека не е доволно платена. Но, дури и да е така, колкав е процентот на овие незадоволни луѓе кои ги засукале ракавите и се обиделе да направат нешто? Да покажат дела, да научат некоја нова вештина, нов јазик или нешто што ќе ја зголеми нивната вредност на пазарот на трудот. Истите тие, кога ќе заминат во Америка или во  некоја од западноевропските земји, покрај основната, работат и дополнителна работа, па и нешто плус.

Но, таму сигурно не си оделе порано од работа, колегите не ги „куцале“ со картичка (општопозната практика во нашата администрација), не спојувале викенди како кај нас во Македонија, а сигурно работеле и за време на празници затоа што дневницата за тој ден е многу поголема.

Како и да е, во нашата земја, немањето преголема желба за работа оди рака под рака со бројот на неработните денови. Едвај чекаме да споиме празници. Првото нешто што се прави на почетокот на годината е проверка колку неработни денови имаме во годината. Па така, најголемото задоволство е кога неработните денови  се во петок или понеделник, па се добиваат споени викенди.

Малку познат факт за една апсурдна ситуација во едно наше министерство. Пред неколку години имало неработен ден, празник кој се паднал во вторник. Замислете, во понеделникот од цело министерство само еден човек се појавил на работа, останатите споиле.

Македонија е на врвот на земјите со најмногу неработни денови во годината. Речиси секој месец имаме по некој празник, понекогаш и по два, или споени викенди. За оваа 2025 година имаме дури 27 неработни дена. За волја на вистината, не се сите неработни денови за сите граѓани, но сепак се многу.

Македонија како мултиетнтичка држава има празници кои се неработни за сите граѓани, како што е Божик, Велигден, Рамазан Бајрам и Илинден. Но, има и празници кои се неработни само за граѓаните од муслиманска вероисповед, како што е Курбан Бајрам. Неработни денови за граѓаните од православната вероисповед се Бадник, Голема Богородица. Богојавление (Водици) и Задушница. За Албанците неработен ден е Денот на албанската азбука.

Тука се и неработните денови за припадниците на српското, турското, ромското и влашкото малцинство, како и Јом Кипур, кој е неработен ден за припадниците на еврејската заедница.

Кога ќе се погледне календарот, единствени месеци без неработни денови се февруари и јули. Најмногу неработни денови имаме во јануари, дури пет, а во останатите месеци по два-три.

Вака големиот број неработни денови создава проблеми за бизнис-секторот. Тоа, пред сѐ, се однесува на намаленото производство и продуктивност. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи во изјава за нашиот Магазин во однос на големиот број неработни денови вели – што е многу многу е. И тие како бизнисмени не се согласуваат затоа што трпи производството.

„Реагираме како бизнисмени на големиот број неработни денови. Последно нешто за кое реагиравме беше за изборите, кога денот беше неработен, а од друга страна, никој не се осмели тогаш да каже дека тој ден ќе се одработи во една идна сабота, слично нешто како што прават учениците. За нас викаат дека нема да биде работен и готово. Или, на пример, пишува во некои уредби што беа донесени кога беше кризата со короната – денот на работниците ќе биде платен. Како ќе биде платен? Што сме ние должни да ги плаќаме таквите денови што државата ги прогласува неработни? Тоа нема логика бидејќи тоа е веќе воведување нова давачка, а тоа може да го прави само Собранието на Македонија. Владата нема ингеренции нас да ни воведува нови давачки. Ако ни рече дека некој ден ќе биде неработен ден што ќе биде платен за работниците, автоматски тоа е нова давачка за нас ако не се одработи денот“, изјави Димитров.

За бизнисмените, според Димитров, најнеразбирливи се верските празници кои се неработни.

„Верските празници кои се неработни се најмалку разбирливи за бизнис-секторот. Ние под државен празник подразбираме и верски празници. Да речеме дека сега Рамазан Бајрам на 31 март ќе биде неработен ден како државен празник за сите во Македонија без разлика на верата. Или, пак, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, тоа, да не речам, е партиски празник. Ние имаме еден куп партии и ако на сите им ставиме празници, каде ни е крајот“, изјави Димитров.

Уште поголем проблем имаат компаниите кои соработуваат со фирми во странство. Ова најмногу е изразено во периодот од католичкиот Божик преку Нова година до нашиот Божик, кога кај нас речиси сите фирми имаат споени денови.

„Голем проблем е славењето на католичкиот Божик и нашиот. Јас да се прашувам, веднаш би се усогласил со Европа, со нивниот календар, затоа што точно е дека тие почнуваат да слават од пред католичкиот Божик, па ние  немаме контакти со нив, имаме проблеми во комуникацијата. Потоа, по Нова година, ние користиме цела недела празници, па на некој начин се сведува на изгубени две до три недели. Заедно со Нова година, три недели не функционираме нормално. Мислам да го усогласиме Божик со католичкиот. Еве, Бугарите го усогласија, па што им смета“, изјави Димитров.

Еден од предлозите до новата влада бил и тој да се намали бројот неработни денови зашто токму индустријата има најголем проблем, вели Димитров.

Димитров: „Реагираме како бизнисмени на големиот број неработни денови.“

Димитров: „Реагираме како бизнисмени на големиот број неработни денови.“

„Кога се формираше новата влада, ние дадовме одреден број предлози, 12 или 13. Еден од предлозите беше да се намали бројот на неработни денови. Значи, многу многу седиме! Годишен одмор имаме голем, постарите работници имаат по 27 дена годишен одмор, од друга страна, плус празници, пак излегува еден цел месец слободен, така што два месеца не се работи. Ние работиме 10 месеци, а за 12 месеци даваме плати, па затоа, тие месеци кога имаме празници, имаме и загуби. Еве сега, според извештајот за јануари, имаме загуба од 7 милиони денари затоа што сме седеле две недели, не сме работеле. Даваш пари, а нема производство. Навистина се претерува со празниците. На пример, Божик е неработен. Зошто мора и  Бадник да го славиме? Што е многу, многу е! Ние работиме дејности кои се поврзани со човекот, тоа не се некои креативни дејности, па да седам на Попова Шапка и да работам софтвер или нешто друго креативно. Луѓето во фабрика зависат едни од други. Ако не дојде некој, веднаш се нарушува производниот просец. Во индустријата има најголеми проблеми и затоа најмногу зависи од структурата на стопанството. Не можеш да споредуваш, да речеме, Гулг и Фејсбук со фабрика за производство“, изјави Димитров.

И Стопанската комора во 2023 година исто така бараше ревидирање на неработните денови, но остана само на тоа, немаше слух од страна на владата. Дополнителен проблем за бизнис-секторот претставува и тоа што неработен ден се прогласи и недела, што дополнително го отежна работењето во делот на трговијата.

Иако на интернет може да се најдат различни податоци за тоа која земја колку државни празници има, ние земавме податоци од Википедија, според која Непал и Индија се земји кои имаат најголем број државни празници во светот – вкупно 35 годишно. Исто така, Непал има 6-дневен работен распоред во една седмица.

Австрија има најголем број празници од која било европска земја со 12 платени државни празници во текот на годината.

Швајцарија е на врвот на листата на земји со најмалку државни празници. Има вкупен број од 7 до 15 државни празници во зависност од кантонот односно регионот.

Во регионот, Албанија има 15 официјални државни празници. Ако паѓа за викенд неработен државен празник, тогаш првиот работен ден потоа е неработен ден.

Еден од предлозите на Организацијата на работодавачи е да се намали бројот на неработни денови.

Еден од предлозите на Организацијата на работодавачи е да се намали бројот на неработни денови.

Србија има 16 неработни денови, српската влада има донесено заклучок со кој им препорачува на работодавачите да им дозволат на своите вработени да не работат во понеделник, 6 јануари 2025 година, денот кога се слави Божик. Оваа препорака не е обврзувачка. И овде, ако паѓа во недела еден од датумите кога се празнуваат државните празници во Република Србија, првиот нареден работен ден не е работен.

Во 2025 година, во Хрватска ќе има вкупно 14 неработни дена, обележани со осум верски празници и шест државни празници, чии датуми овозможуваат повеќе можности за комбинирање на викендите и продолжените одмори од минатата година.

Во Црна Гора, пак, има вкупно 23 неработни дена за оваа година, во која влегуваат празници со повеќе (слободни) денови. На пример, за православниот Божик во Црна Гора неработни се дури три дена, и тоа 6, 7 и 8 јануари.

Image
Newsletter